Интервју со Претседателот Бошкоски за НАСЛОВНА: Македонија е татковина на сите нас, и нема тука ништо спорно

Линк до интервјуто: http://naslovna.mk/2020/07/11/Интервју-со-Љубе-Бошкоски-Во-моментов/?fbclid=IwAR10oimggz87HgRN9BhaGTmnAM0F0ZuVnaocEj5tFDJnl1ttwdbQCVdLL18

Насловна: Господине Бошкоски, на овие избори сте дел од коалицијата Можеме, која ја предводи Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, а вие сте составен дел со Обединети за Македонија. Kако една десничарска партија се пронајде во концептот Едно општество за сите на Заев?

Бошкоски: Ние како партија десно од центарот, со јасна ВМРО-вска провиниенција, како Обединети за Македонија, се залагаме за Македонија на сите граѓани. Ако тргнеме и од историско ВМРО, па до Крушевскиот манифест 1903-та, повикот до Албанците, Турците, Власите… е повик на едно општество за сите граѓани.

Или, начелата на АСНОМ… Јас не гледам никаков проблем во тој повик и тие начела. Напротив. Македонија е татковина на сите нас, и нема тука ништо спорно. Спорен е, според некои квазипатриоти, приодот во државното уредување. Како од македонската, така и од се погласната албанска политичка провинциенција.

Со лицемерни политики, не можеме да градиме општество чии корени датираат и се запишани во двата Илиндена. Тоа е запишано и во Статутот на Обединети за Македонија. Ние едноставно, го поддржуваме концептот, кој ете го заговара и реализира Заев.

Ние, всушност го реализираме нашиот концепт. А нели е хипокризија, во ова модерно време, во 21-ви век, да не се залагаме, сите заедно, за таков концепт. Сеедно која партија ке го прогласи за свој изум. Нема тука авторски права. Има само свесност дека треба да се гледа напред.

Штета што и во партијата ВМРО – ДПМНЕ не го гледаат или не го сакаат тоа. Но тоа е нивен проблем. Кај нив не гледам наследници на вмровската идеа.

Насловна: Назад кон вашето политичко минато. На македонската политичка сцена, граѓаните ве помнат во периодот од 1998 година, кога станувате заменик директор на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, па станувате државен секретар при МВР, и на крај во Широката коалиција сте и министер на целиот ресор. Од каде Бошкоски во безбедносните структури?

Бошкоски: Така одлучи тогашниот премиер, а времето покажа дека во најтешкото време за нашата држава, јас успешно го менаџирав ова министерство. Од оваа дистанца, верувајте, би ги превзел повторно истите чекори. Македонија не се сака само на зборови. Македонија се сака со дела.

Јас никогагаш не сум барал мојата држава да направи нешто за мене. Сум се залагал јас да направам нешто за својата држава. Тоа впрочем беа и зборовите на Џон Кенеди, кој ги повика Американците да им служат на своите сонародници пред заканите од другите делови на светот, за време на неговиот инаугуративен говор од 1961 година. Со тој негов повик, тој бараше начин за да обезбеди поплоден живот за целото човештво. Далеку од тоа да се споредувам со него, но таа негова максима сум ја применувал и до ден денешен ја применувам.

И препорачувам сите да си го постават тоа прашање, еве сега кога ке излезат да гласаат на предвремените избори. Лесно е да се сруши, особено ако некој друг изградил. Треба да доградуваме и надградуваме. Македонија го заслужува тоа, и ние како нејзини совесни граѓани.

Насловна: ВМРО – ДПМНЕ и вие. Приказна која траеше можеби до вашата кандидатура за Претседател во 2004 година. Освен приказната дека ДИК ви најде маана дека немате исполнето услов од 15 години непрекинато живеење во државата, каде беше вашата матична партија која тогаш беше во распад или форма на реорганизација?

Бошкоски: Не 15, туку 10 години. Но тоа не се однесуваше за граѓани од бившите републики на СФРЈ. Уставна одредба, која се прекрши врз мене, иако беше додадена, за да може првиот претседател Глигоров да се кандидира, бидејќи беше со Белградска лична карта. Мојата матична партија не застана зад мене, сигурно од истите причини како и 2009 година.

Можам да кажам дека ми е жал што некои луѓе од таа партија, имаат ситнопартиски интереси и водат политика само ним позната. Да бидеме искрени, таа партија, не е онаа нашата ВМРО – ДПМНЕ. Претпоставувам, дека се работи за суети и лични фрустрации, особено кога сум јас во прашање. Овој го кажувам без лажна скромност.

На прсти можат да се избројат таму луѓе кои заслужуваат да се нарекуваат вмровци. дпмнеовци, да. Иако, и оваа кратенка значи повик за демократија и единство. Што пак укажува дека и вториот дел од името го оскрнавиле.

Верувајте, немам никаква горчина кон таа партија. Сепак била моја матична партија. И, ако се најдат луѓе, со кои мојата вмровска опција нема да биде загрозена, туку ќе се доразвива, како и концептот Македонија да биде таткoвина на сите, не би имал никаков проблем за соработка. Да се бориме за Држава која нема да застане на пол пат и да се движи рикверц.

Бидејки јас и како човек сум таков. Ги негувам корените но и ја појам крошната. За да има плодови за сите што сме под таа крошна. Не сум сигурен дека таа партија го има тој капацитет. Едно е да го носиш врховистичкото бреме, кога свесно си го додал ВМРО во називот на партијата кога си ја оснивал, со цел да ја сочуваш последователноста на вековната борба за македонска држава, која македонското крило на ВМРО ја водеше. А друго е да го носиш бремето на корумпираност, бреме кое го носи актуелново ВМРО – ДПМНЕ.

Додека не се огради, додека не се надрасне, таа партија само ќе тапка во место. Но се надевам, дека ќе се случат позитивни промени и таму. Ние како Обединети за Македонија немаме комплекс да соработуваме со секој со кој ке се најдеме дека имаме иста заложба за просперитетна и европска Македонија. Но, не заложби само на зборови, туку и на дела.

Насловна: Ве нарекуваат Хашки осуденик но вие имате ослободителна пресуда. Беше ли лицемерен пречекот на Скопскиот аеродром со цела фешта која тогаш ја промовираше Никола Груевски како премиер а со тоа и ваш голем спасител?

Бошкоски: Ослободителната пресуда од Хаг е доказ дека Македонија, Владата, водела исправна политика. Дека јас како министер не сум ги прекршил конвенциите. Тоа е наш македонски успех.

Комично е ако некој верува дека спасител е тој лик. Исто така комични се и претпоставките дека поради моја неблагодарност кон тој лик, кој ете ме спасил од Хаг, замислете, ме спасил, ми се случил и затворот во Македонија. Која небулоза, кое свесно лажење.  Мојата осуда во Хаг, ќе значеше осуда на Македонија и на македонскиот народ. Тоа и тој лик добро го знае.

Македонската влада на Бучковски, да ме спаси мене од финансиски банкрот, ни ги плати адвокатските трошкови мене и на другиот обвинет, а Груевски ја продолжи обврската. Неговата влада, си го изработи својот дел, да бидам докрај искрен, за што дебело си наплати политички поени. Други се бореа и гинеа, но тој си ги собра заслугите.

Но нејсе. Политички итар излезе човекот. Со моето ослободување му се наместија коцките. А јас? Јас бев среќен дека Македонија нема да биде судена за злочин према човештвото. Сите шпекулации после тоа, излегоа од кујната на Груевски. Како и изговори, зошто не сакаше како партија да застанат зад мојата претседателска кандидатура. Си имаше други планови ликот. Јас само ќе му пречев…

Иако, јас бев тој кој излобира за негова лидерска позиција на партијата. Тој е типичен пример за народната мудрост дај му власт за да видиш каков е.

Тој не е патриот, јасно и гласно кажувам, по цена да ми се налутат сите негови обожаватели, кои за жал за Македонија, уште ги има. Но има надеж и за него, кога веќе се самонарекува патриот, а тоа е да ги врати украдените и изнесените пари, во државата. А за затворска казна за него, оставам судството, како трета власт во државата, независно од никакви притисоци, да си ја работи својата работа.

Насловна: Во 2009 година Бошкоски повторно се кандидира за Претседател. Зошто токму таа функција и зошто во втор обид?

Бошкоски: Каде денес ќе беше Македонија ако не ми ги украдоа гласовите за да не влезам во вториот круг. Јас во мојата политичка кариера вложив се, мојата страст, бескомпромисна борба, големи амбиции но и голема жртва, загрозувајќи го животот. Јас во политиката влегов без калкулации, не калкулирав однапред, тие што калкулираат не се спремни да се жртвуваат. Јас имав и имам возвишени цели, кои за мене се светост. Затоа се кандидирав.

Насловна: Во 2011 година и по аудио но и видео записите вие сте уапсени под сомнението за нелегално финансирање на изборната кампања. Видовме дека случајот беше монтиран, но прашањето е од каде таа злоба кај братучедите Груевски и Мијалков? Нели Мијалков во периодот 1998 – 2001 беше заменик министер во военото разузнавање. Што им сметаше кај Вас?

Бошкоски: Моите две победи. Таа од Хаг е посветена и вградена во темелите на територијалната целовитост и суверенитет, и слобода на нашата држава. Втората победа, во судот во Стразбур, оверена со пресудата од минатиот месец, е придонес кон демократијата како темел на слободата на сите граѓани кои се борат против неправдата, омразата и злото.

Двајцата братучеди се се, само ни приближно не се како мене. Јас сум човек кој има сила да прости и на својот џелат, а они се џелатите. И да бидам искрен со вашите читатели и со вас, не сакам да се замарам со луѓе кои се заробени во своите ега и омраза. Особено кон тој што е подобар од нив.

Насловна: Вие и од оваа неправда излегувате како невин и пуштен сте на слобода. Колкава цена лично плативте за сите хирови на ВМРО – ДПМНЕ по 2001 и од Георгиевски, особено од Груевски па сега до Мицкоски? Вредеше ли упорноста да опстанете на политичката сцена?

Бошкоски: Јас овие силни удари ги претворив во победи. Моите 11 години самотија за Македонија сигурно вредат доколку докрај се оствари мојот сон за кој продолжувам да се борам за просперитетна Македонија.

Не само обезбедување услови за материјална егзистенција на нашите граѓани, туку и подобро здравство, владеење на правото и правдата, како и образование за младите. Вредеше, ако како индивидуи и политичари го подобриме личниот интегритет, да бидеме поголеми и искрени, а не лажни патриоти.

Да работиме повеќе и попродуктивно. Да бидеме искрени и посветени верници. Да живееме чесно, за да бидеме посветени на своето семејство и држава.

Насловна: Сега сте дел од коалицијата Можеме за претстојните предвремени парламентарни избори, како човек од десничарското милје, како ја цените состојбата во ВМРО – ДПМНЕ сега и денес? Мириса за завери и очигледна промена на Мицкоски по изборите. Кои се вашите информации и видувања?

Бошкоски: Ние сме посебен политички субјект ОМ. Што ќе се случи по поразот на 15 јули, тоа ќе си одлучат во ДПМНЕ. А темата завери? Јас не верувам во наметнатите апокалиптични тези за светски заговор против Македонија.

Вистината за Македонија ја знаеме сите. Особено тие кои сакаат да ја скријат, изманипулираат и искористат за свои цели. Знам само дека во таа партија некој многу го лаже членството. Но, реков тоа се нивни работи. Кои, не би сакал да бидат и наши на начин на кој беа долги 11 години.

За среќа, тоа нема да се случи, така што можеме да бидеме спокојни. А за завери во самата партија? Претежок и пресериозен е тој збор, повеќе одговара изразот партиски местенки. Но, самите ќе си се борат и изборат со тоа.

Насловна: Назад кон актуелните избори. СДСМ на чело со претседателот Зоран Заев имаше 2.5 годишен половичен мандат во кој ги реши сите отворени прашања на национално ниво, ниво на соседните земји и не позиционираше на интернационалната мапа онаму каде и заслужуваме. Како вие гледате на нешто што можеше да се реализира за 2.5 години а стоеше 12 години владеење на ВМРО – ДПМНЕ?

Бошкоски: Можеби најдобар одговор ќе е ако ги повторам моите заложби од Претседателската кампања. На моја радост, тие заложби еве се остваруваат. На моја жал, истите тие заложби, кои ги зачна мојата бивша партија но со Георгиевски како премиер, беа деформирани и деградирани, кога после него, неискрен човек со нечесни работи ја водеше државата. Сега јавноста е отруена со реторика од типот велепредавство.

Дали? Верувајте, се ќе си дојде на свое место. Ниту Георгиевски ниту јас не градевме држава за сега да ја рушиме. Тоа би значело дека себе би се предале. Во моментов, Заев го оди нашиот пат. Затоа и го поддржуваме. Но и за СДСМ како за ВМРО – ДПМНЕ, можам да речам, дека внатрепартиските случувања се нивна работа.

Ние сме само коалиционен партнер, кој сe уште не е дел од власта. Имаме своја економска програма, за која веруваме дека ке биде поддржана и од левите сили иако сме десничари.

Насловна: Заев најави дека 2020 е година на економијата, започна Пандемијата но во некоја рака 2020 тоа и е, парите кај граѓаните не е празна фраза. Како вие го цените делувањето на Владата во услови на коронавирус, кога се формраа и економските сетови?

Бошкоски: За мене ова е успешна Влада која покажа висока свест и професионализам во најтешкото време поврзано со пандемијата. Јас сум убеден дека успесите на економски план ќе бидат најпријатно изненадување за сите наши граѓани.

Јас секогаш говорам: добро е, но може уште подобро…

Сите знаеме да бидеме генерали после битка. Во случајов се води неубава кампања, особено по социјалните мрежи, со цел да се минира авторитетот на институциите. Што може да биде погубна стратегија за сите нас. Апелирам, на свест и совест кај сите граѓани. Независно кој за кого навива или ќе гласа.

Насловна: Кои се вашите лични очекувања од новиот, веќе извесен четиригодишен мандат како рамноправен коалиционен партнер, и не чекаат ли мирни години за економско стабилизирање, дотолку и години кога ВМРО – ДПМНЕ а и ДУИ најверојатно ќе мора да се реформираат како што говорите на трибините деновиве?

Бошкоски: Силно верувам дека 4 годишниот мандат ќе донесе многу инвестиции, за кои и јас лично се ангажирам. Инвестиции кои ќе ја сменат позитивно сликата на граѓаните.

Верувам дека ќе успееме да имаме стабилна и економски навистина просперитетна држава, заедничка татковина на сите нас. И верувам дека историските работи треба да останат во историјата, која треба добро да ја знаеме, за да можеме да ја проектираме иднината.

А дали тие две партии ќе се реформираат? Па, ќе видиме…

Насловна: Зошто СДСМ и зошто Можеме?

Бошкоски: Затоа што НАТО и ЕУ се остварен и остварлив сон. Иако сме партии со различни идеологии, имаме заеднички цели.

И тука нема ништо чудно, а уште помалку спорно. Партиите не можат и не смеат да бидат над државата.

Насловна: Која е вашата анализа за излезеноста, резултатот и која е вашата порака до гласачите за 15 јули, денот на избори?

Бошкоски: Сметам дека излезноста ке биде над 50%, а победата 5 пратеници разлика во корист на коалицијата Можеме. Мојата порака е едноставна: Излезете и гласајте за себе и за вашите деца, за бројот 3.