Станковски: Обратна дискриминација или соживот?

Пишува: Ѓорѓи Станковски, политичка партија Обединети за Македонија

Деновиве сме сведоци на фотографии со симболи на УЧК во општини, негативни коментари, говор на омраза, расправии и тешки зборови.

Затоа решив да пишам збор-два во врска со целава ситуација, проблемите со кои сме соочени и ќе се соочуваме во иднина, сѐ додека не фрлиме поглед кон работите од минатото, сегашноста ја искористиме за почеток на реални промени, сѐ со цел за да имаме подобра иднина.

Прво, да напоменам дека целиот овој текст не е да навреди некого и да предизвика лоши чувства кон одреден етникум. Лично имам пријатели што се етнички Македонци, Бугари, Срби, Албанци, Власи, Грци итн. Под пријатели подразбирам луѓе кои ги почитуваат или не ги почитуваат моите мислења и ставови, но секогаш сме имале и ќе имаме културна и демократска дебата-другите не се добредојдени во мојот живот.

Каде е грешката?

Грешката е во тоа што моментално се соочуваме со обратна дискриминација. Обратна дискриминација е поим чијашто дефиниција гласи: Омаловажување на мнозинството за разлика од малцинството.

Во конкретнава ситуација имаме еден парадокс: Во граѓански дом се истакнуваат симболи на сепаратистичка организација, а од друга страна истите луѓе зборуваат за соживот.

Поставување на недржавни симболи е еден пример за обратна дискриминација. Зарем другите националности коишто живеат во Македонија не се добредојдени таму? За нив вратите не се отворени или ако се отворат, ќе нема да можат да завршат работа?

Општината не е штаб на сепаратистичка организација. Општината е место каде сите функционери се избрани од народот и треба да работат за народот. Не е нивна задача да предизвикуваат непријатни чувства кон одреден етникум.

Ваквите и слични настани се очигледен пример на етнички сепаратизам и национализам врз база на етникум и немаат никаква врска со соживот.

Соживот се постигнува на еден многу едноставен начин, но навидум тежок да се постигне, бидејќи политичарите од македонскиот и албанскиот блок (еве една поделба на македонското ткиво и народ), ја искористуваат именката за подгревање на сепаратистички национализам на одреден етникум, што, се разбира, е машина за гласови.

Ситуацијата во државата воопшто не е сјајна на долгорочен план. Дури и тие најгласните деновиве, поголемиот дел од нив членови на минатата владеачка партија, молчеа во 2011 година кога се донесуваше Законот за амнестија. Уште еден пример како чувствата на народот се манипулираат за некој глас повеќе.

Кое е решението?

Како и многупати спомнато, решението е во драстична промена на начинот на перцепција на припадност кон една држава. Сите го знаеме Уставот на историското ВМРО: Без разлика на вера, националност, пол…

Како десничари, кои го почитуваат минатото, ние треба да земеме пример од организацијата која се борела за Автономија на Македонија за сите етникуми, а притоа да го очистиме застарено југословенско размислување на “народи и народности” дека само одредена групација има право на живот во државата, а другите се само “народности”.

Патриотизам е да си ја сакаш државата во која си роден, во која живееш, плаќаш данок, создаваш семејство и слично. Патриотизам не е да посакуваш да ги иселиш сите староседелци тука кои живееле и ќе живеат во комшии, во другиот дел од државата, затоа што се родиле христијани, муслимани, од друг етникум итн. Тоа не сме го одбрале ниту ние, а ниту тие, а така било од памтивек.

Решението е да се забрани истакнување на симболи од други држави и сепаратистички организации. Па нели сме за соживот? Македонското знаме е неутрално и ги претставува сите етникуми, не е симбол на одредена етничка заедница. Македонското знаме е единственото нешто што треба да стои и да се истакнува насекаде и на секоја пригода. Тоа знаме обединува. Ги обединува и тие што се од двете страни на Вардар.

Не гледам причина зошто би се истакнувале знамиња и симболи на туѓи држави во државни институции. Нели сме сите граѓани на Македонија, македонски народ, без разлика на вера, националност, пол и убедување? За некој глас повеќе ли ќе ја рушиме државата? Е тоа е соживот почитувани мои.

Едукацијата и образованието е тоа што треба да го создаде тоа чувство на припадност кон државата, злоупотребата на национализмот врз база на етникум само ќе нѐ раздели уште повеќе. Нас ни треба реален и прогресивен патриотизам, не поделби со непочитување на државното знаме – државното знаме има убав симбол – сонце – што нѐ грее сите подеднакво.

Тоа е патриотизам. Тоа е еден реален патриотизам што ќе нѐ обедини сите во оваа држава.

А секако, тоа ќе доведе до подобра селекција за вработување во јавната администрација.

Моментално имаме еден вид расизам со тоа што на одредени работни места може да аплицираат само Македонци, или само Албанци, или одреден процент од еден етникум…

Што ако некој Албанец бил поквалификуван од некој друг? Или Македонец, или Македонец што се чувствува или декларира како Бугарин, Србин… или Ром? Но не е примен затоа што некој друг етникум требало да се прими таму.

Ова е само еден пример како државниот патриотизам и љубов кон државата може да го подобри квалитетот и начинот на живот во државата.

Можеби политичарите од деведесеттите направија грешка со пристапот кон народот после ослободувањето од Југославија, со продолжување на југословенската доктрина на “народи и народности”. Тоа ќе покаже времето, а досега времето покажува дека е така…