Една изборна единица за единство

На 25.12.2019, бевме дел од јавната расправа по Предлог законот за изменување на Изборниот законик и Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Обединети за Македонија се залага за една изборна единица, а на локални избори да се оди со отворени листи, бидејќи со една изборна единица се демократизира македонската држава, што ќе доведе до поголема разноликост на ставови во Собранието, како и придружување до партиските програми на политичките партии.

Во врска со етничката застапеност, на став сме дека интеретнички поделени губиме сите. Водени од уставот на историското ВМРО, сите сме граѓани на Македонија без разлика на вера, националност и пол.

Затоа се држиме до ставот дека пратениците треба да се изберат врз база на квалитет и политичка програма, што ќе доведе до чувство на припадност кон државата без етничка сегрегација и етнички национализам.

Од друга страна, тоа ќе ги стимулира сите партии што сакаат да добијат повеќе гласови, да кандидираат луѓе од сите региони и позадини, но пред се, врз база на квалитет.

Со тоа ќе го докажеме нашето единство и мултикултурното општество, но и чувството на припадност кон државата.

КОНФЕРЕНЦИЈА „Перспективите на македонските избори“

„Обединети за Македонија“ е за напуштање на моделот со шест изборни единици, затоа што со него гласовите не тежат подеднакво, рече партискиот претставник Ѓорѓи Станковски на конференцијата на ЦИВИЛ за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“.

Во продолжение текстот од говорот:

Обединети за Македонија уште од своето основање од пред десет години, преку разни соопштенија и иницијативи, е за напуштање на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот Република Северна Македонија да биде една изборна единица што би дало реална слика на претставници на парламентот избрани по избор на народот.

Со досегашниот модел, гласовите не тежат еднакво и иако десетици илјади граѓани кои своето право на глас го искористиле на минатите изборни циклуси, сепак, на крај од избирачкиот ден тие паѓаат во вода.

Во изминатите изборни циклуси, се има случувано, партија со освоени 29 000 гласови да нема претставник во парламентот, а партија со освоени 28 000 гласови да има два пратеника.

Затоа, би сакал да претставам симулација на гласовите што ги добија политичките партии и коалиции кои учествуваа на последните парламентарни избори и тие се прикажат како гласови кога Македонија би била една изборна единица, во Собранието би ја имале приближно оваа распределба на мандати:

ДПМНЕ и други : 48
СДСМ и други : 47
ДУИ: 9
БЕСА: 6
Алијанса за Албанците : 3
ДПА : 3
ВМРО ЗА МАКЕДОНИЈА : 2
ЛЕВИЦА : 1
КПП : 1

Од ова, можеме да заклучиме дека гласачите треба да имаат поголемо влијание врз луѓето кои треба да ги претставуваат, независно од која партија/коалиција се избрани, затоа што, на крајот од избирачкиот ден, гледаме дека со овој изборен модел, секој глас не тежи еднакво.

Cо една изборна единица се создава поголема разноликост во парламентот секои наредни избори, што води до поголема демократизација на општеството.

Затоа, Обединети за Македонија е на мнение за промена на избирачкиот модел на една изборна единица, се со цел да се направи квалитетна селекција на народни претставници, но и најважното, секој еден глас да тежи исто, бидејќи сите сме еднакви граѓани на Македонија, без разлика на вера, националност, пол и убедување.