Видео обраќање на Претседателот Љубе Бошкоски за панел-дискусијата „Жртви на режимот“


Режимот ја зароби и ја злоупотреби државата, а особено полицијата, судството и медиумите. Секој обид да се изрази поинакво мислење, го санкционираше со апсења, тортура, монтирани судски процеси и линч во медиумите и на социјалните мрежи.

Јас сум бил мета на речиси сите режими. Од екс-Југославија, па натаму. Јас и моето семејство поминавме низ пекол. Јас знам како е чувството да си осуден за правдина. Сакам да се најде правдина и за внукот на Ченто. Ниту една власт немала милост за оваа фамилија.

Но јас, мојата правда ја докажав, иако уште ме прозиваат измислени величини, слушнавме пред некој ден и лажни бранители од татковинската војна во 2001 година.

Затоа верувам дека правдата пак ќе победи и во случајот на младиот Ченто кој треба да излезе од затвор, а на негово место да дојде креаторот на овој криминал, хаос и жив песок во кој мака мачиме и после две и пол години од слобода да се извлечеме. Ќе дојде на местото на Ченто, оној кој го заслужува неговото место, затоа што го изманипулира.

Мој совет до сите вас, кои сеуште мислите и верувате во Груевизмот, во Груевски, тој никогаш не бил патриот. Никогаш не верувал во Македонија

На едни парламентарни избори, многу убаво кажав дека со Македонија владее „банда криминална“. Тоа се криминалци, на кои ич не им е гајле за судбината на својот народ, на своите луѓе, кои денес ги оставија, како што вели нашиот народ на цедило.

Тие што веруваат уште во Груевизмот, но и во неговите следбеници, да им порачам дека се тие лажни патриоти и дека верувањето во Груевизмот е верување во нешто што е надвор од вредностите на ВМРО.

Тој човек си го замени белиот дворец во Скопје, со друг дворец во Будимпешта, но задржувајќи ги букурешките манири, се обедува да командува, мислејќи се како голем лидер. Да, тој е лидер, но е лидер за креирање на хаос, криминал и предавство кон својата татковина.

За најболната тема во општеството, за судството, треба да разговараме надолго и нашироко, за реформите кои не можат да се направат набрзина. Но факт е, дека се поместија работите од мртвата точка, од овој жив песок во кој ја остави режимот – Македонија.

Кога јас велев дека „банда криминална“ владее со државата, тогаш во македонските медиуми, а и мои пријатели ми рекоа дека сум престрог и сум претерал во квалификациите.

Но денес, по скоро една деценија, заклучувам дека сум бил и премногу благ кога била таа „банда криминална“ во прашање. Јас едноставно не сум бил миленик на власта.

Можеби бидејќи како човек не прифаќам лажни вредности, лажни величини и лажни раскази за едно време во кое живееме.

Дури и сега, излезе дека и јас навистина сум му опсесија на некрунисаниот принц од дворот од Будимпешта.