Станковски: Парадоксот на македонската политика

пишува: Ѓорѓи Станковски, Обединета младина за Македонија, младинска организација на политичка паритја Обединети за Македонија

До кое ниво на парадокс достигна македонската политика во 2019 година? Денешната Влада предводена од СДСМ потпиша Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ остро се противеше на тој договор и го класифицираше како „предавнички“.

Ајде да ги отвориме старите весници, да фрлиме поглед кон „Златната Влада“ на ВМРО-ДПМНЕ (1998-2002) која ја започна процедурата за „помирување“ со Бугарија.

Условите за „помирување“ меѓу овие две блиски земји започнала со заменување на старото „белградско“ СДСМ со тогашната антикомунистичка ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. Уште во 1999 година, тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов потпишале осум договори за соработка и една билатерална декларација на уставните јазици на двете држави. Со тоа, вештачкиот проблем за јазикот е надминат и почнува зближувањето на двете земји.

Тогашната опозициска СДСМ (чиишто тогашен добар дел на функционери и членови денес се членови на ВМРО-ДПМНЕ) цврсто се противи на ваквите односи, со страв дека ќе се „ребугаризира“ Македонија, односно, ќе се „расипат односите со соседна Србија“.

Тогашниот период го симболизира и „помирувањето“ со тоа што македонската и бугарската делегација во 1999 година заедно го прославуваат создавачот на славјанската азбука св. Кирил пред неговиот гроб во базиликата „San Clemente“ во Рим. Доколку се разгледа комунистичкиот режим во двете држави, после изладувањето на односите меѓу Тито и Сталин, со години двете делегации „се натпреварувале“ кој прв ќе стигне на чествувањето во Рим. Од 1999 година, оваа „традиција“ се прекинува во акт на добрососедство и пријателство и се потврдува заедничката историја меѓу двете држави. На крајот на милениумот се чинело дека конечно ќе се тргнеме од „старите навики“.

Одредени активисти на ВМРО-ДПМНЕ во тој период почнале отворено да повикуваат на ревизија на националната историја, азбука и јазикот кој се употребува во Македонија. Дури и тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски со памфлетот „Кој со кого ќе се помирува“ му одговара на академикот Иван Катарџиев и на другите учени од Скопје за неколку историски прашања и тези и остава порака да „престанете да го труете македонскиот народ со една историска фатаморгана кoja само вие ја гледате педесетина години“.

На крај од памфлетот, Љубчо Георгиевски заклучува дека „ако сакаме да ja зацврстиме идејата за самостojнa Македонија, македонскиот јазик, македонската нација или македонската црква, токму тоа ќе го направиме ако ja имаме храброста да се соочиме со некој недвосмислени историски вистини без да бараме виновници во двајца или во тpojцa личности за да можеме да направиме лажно алиби, а впрочем на тoj начин самите ќе си помогнеме да излеземе од ќор-сокакот во кoj се наогаме сега“.

И конечно, македонскиот политички парадокс!

Новата Влада на СДСМ го потпиша Договорот со соседна Бугарија. Единствени десни парти во Македонија кои го поддржаа беа Обединети за Македонија и ВМРО-Народна Партија (Љубе Бошкоски и Љубчо Георгиевски). Секако, лидерите на овие партии се поранешни функционери во тогашното ВМРО-ДПМНЕ (Министер и Премиер).

За Договорот, лидерот на Обединети за Македонија дури истакна дека  „живееме во време на обединета Европа и затоа се несфатливи тендециите кои не враќаат во мрачните времиња на комунизмот каде што Бугарија мораше да се прикажува како наш непријател. На кого му е потребен договор за пријателство со Република Бугарија и бугарскиот народ ако не на мојот македонски народ и на мојата Македонија“ и дека „со градењето на мостот за пријателство, сами, по природен пат ќе го осознаеме и вистинското минато, незагадено од конструкции, пропаганда и квази-историчари“.

И конечно… ПАРАДОКСОТ!

ВМРО-ДПМНЕ како антикомунистичка партија во 21 век, жестоко се противи на Договорот, додека СДСМ, како наследничка на КПМ го поддржува и прифаќа дебати врз основа на историјата.

Останува прашањето кое оставам да го одговорат денешните, модерни, „радикални вмровци“: Дали структурите кои работат против иднината на Република Северна Македонија и сакаат таа да остане заробена под прангите на црвеното, југословенско минато, денес се инфилтрирани во партијата која беше строго антикомунистичка?