Гоце Делчев не треба да нѐ разединува

Жешко лето за Република Северна Македонија и Република Бугарија. Комисиите за историски прашања од двете земји дебатираат за одредени личности и дати за славење.

Обединети за Македонија сугерира на конструктивност, врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Целта на Договорот е да се развиваат пријателството и соработката.

До каде сме со тоа?

За сите револуционери постојат архиви, документи, потоа писма напишани со нивен ракопис и изјави за странски весници.

Наместо постојано да го осознаваме минатото, треба да фрлиме самокритичен поглед на сегашноста и да ја планираме иднината.

Наместо да се фокусираме на сегашните заеднички проекти и заедничката иднина и паралелно да дебатираме, ние се фокусиравме повторно само на минатото.

Да погледнеме објективно и со студени глави на само еден „резултат“ од досегашните политики: во 21. век, двата главни града се на оддалеченост од само 240 километри, но и на цели четири часа со автомобил. А потребна ни е комуникација, економска соработка и заеднички просперитет.

Да се фокусираме на меѓусебна комуникација и заеднички да се фокусираме на иднината на нашите млади, преку образование, економија, инфраструктура, култура, а паралелно, нека течат и дебатите, секако, поткрепени со факти.

Тоа нека ни е приоритет. Да се осознаеме, комуницираме, дружиме и зближиме. Да градиме мост.

Со градењето на мостот за пријателство, сами, по природен пат ќе го осознаеме и вистинското минато, незагадено од конструкции, пропаганда и квази-историчари.