Ден: д.м.г

10 години од основањето на Обединети за Македонија

Обединети за Македонија со пригоден настан синоќа одбележаа значаен јубилеј – 10 години од основањето на Политичката партија. Присутните основачи и членови на Партијаа, бројните гости и симпатизери, како и претставниците на дипломатскиот кор и на политичките партии, имаа можност да го проследат видео времепловот за изминатата деценија, како и обраќањето на Љубе Бошкоски, основачот и претседателот Обединети за Македонија.

Кога се подготвував за обраќањево и кога во себе го оживеав сето низ што поминавме, првата промисла за тоа што сме беше – Револуционерна Партија, нагласи Бошкоски. Само револуционерните партии во своите анали, заедно со постојната, безрезервна народна поддршка, бележат и притисоци, уцени, изборни кражби и измами, прогони, монтирани судски процеси, спектакуларни апсења, протести и побуни.

Се сеќавате? Се обединивме за да ги оствариме идеалите на ВМРО, а станавме жестоки непријатели на оние што бесрамно, под светото име, се обидоа да не сотрат. Се дигнавме против таа власт и нејзината погубна политика, надградена со минато, проширена со корупција, проектирана да не претвори во заложници на нивната ДПМНЕ иднина, потсети Бошкоски.

Одговорни пред идеалите и стварноста, бевме и останавме противници на секоја политика што не дозволува земјата да оди кон стопански развој и реформи, кон евро-атланските интеграции.

Големиот исчекор кон евроатлантските семејства е направен со нови договори и компромис. Силата и тежината на компромисот, со одлуката за придавката кон името наместо БЈРМ кратенката, на сите ни создаде дилеми: Придавката кон името или агонијата создадена од груевистичката власт! Придавката кон името или корупција и криминал што ќе не втурнеа во банкрот, за да немаме време и сили да се бориме, криминалците да ги запреме во погубниот поход! Придавката кон името или судот на совеста пред идните генерации?
Ја одбравме придавката наместо кратенката – ја одбравме иднината, со јасна мисла и порака – само иднината ќе ни суди и пресуди за тоа што наместо држава заложена кај груевци и мијалкови – и одбравме иднината на Европска Македонија, заклучи Бошкоски.

Нашата верба е и останува во идеалите на ВМРО, на опстојувањето и градењето на нејзините вистински цели, во обединувањето за нивно остварување. Ќе бидеме истрајни во тоа, потенцира Бошкоски.
Подаваме рака и кон ВМРО-ДПМНЕ, доколку најдат сили и се ослободат од срамните – криминални политики на груевистите. Не се случи ли тоа – нашите врати и срца остануваат отворени во нашиот дом на вистинската ВМРО.