Видео-Интервју на претседателот Бошкоски за Макфакс

(Видео) Бошкоски: Не се враќам во ВМРО-ДПМНЕ, но имам обврска да помогнам во уривањето на Груевски

Немам амбиции да се вратам во ВМРО-ДПМНЕ, но имам морална обврска и должност да помогнам во уништување на актуелното раководство на партијата, вели претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во интервју за „Макфакс.“ Тој ги повика членовите на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат кон неговата партија. Според него, неопходни се реформи во партијата, но не е трагедија, како што вели, ако партијата исчезне од политичката сцена.

– Не е толку трагично ако една партија што владеела 11 години замине од политичката сцена, како радикалите на Шешељ, партија од која подоцна излезе партијата на Вучиќ. Ако основачите на ВМРО самите велат дека не треба да се злоупотребува тоа свето име, да се тргне настрана, тогаш не гледам причина зошто некои глумат тврдокорни и поголеми патриоти од мене – вели претседателот Бошкоски.

Претседателот Бошкоски во интервјуто зборуваше и за случајот „Кампања“, за која ја издржа затворската казна, за што најави кривична пријава против судијката Радица Василевска. Сведочи дека трпел закани и лично од ексначалникот на УБК, Горан Грујевски. Бошкоски додава дека тој и неговиот адвокатски тим имаат несоборливи докази дека станува збор за полициско-политичка местенка и ќе водат паралелна постапка на страна од специјалното обвинителство, кое отвори случај под името „Тортура“.

– Судството мора да се ослободи од корумпираните судии. Додека не ги видиме на обвинителна клупа, иако Уставот ги штити судиите да не одговораат за дадено мислење, другиот дел од приказната е мрачниот дека постојат договори за што имаме и докази. Мене кога ме апсеа полициските службеници, ми кажаа дека ќе лежам осум години и судијката Радица Василевска не ме осуди ни ден помалку. Случајот „Ровер“,  кoj сè уште трае, е уште помонструозен, имаме и докази како обвинителството заедно со Грујовски, кој сега е во екстрадициски притвор, дојде во Идризово да ми се заканува“, додава претседателот  Бошкоски.

Претседателот Љубе Бошкоски зборува и за системот за прислушување и уверува дека не бил злоупотребуван од државата во времето кога тој бил на челната позиција на Министерството. Бошкоски зборува и за можното учество во Владата на Заев за пополнување на испразнетите министерски места, за враќањето на Обединети за Македонија на политичката сцена, како и за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и потребата од смена на Груевски и целото партиско раководство.